Skip to content

Културен центар во Струмица – презентација и изложба на студентски проекти

Oct 30, 2026
Културен центар во Струмица – презентација и изложба на студентски проекти

На 27.10.2026 г. во Младинскиот центар во Струмица се одржа изложба на која беа презентирани студентски проекти изработени во рамките на наставниот предмет „Архитектонско проектирање 2 – Објекти од култура“ на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС.

Лоциран во непосредна близина на плоштадот „Гоце Делчев“, предвидениот културен центар претставува можност за создавање нов архитектонски и културен репер во градското јадро. Ограничената површина на градежната парцела претставуваше значаен проектантски предизвик, кој од студентите бараше внимателно осмислување на просторната организација, функционалната поврзаност на содржините и вертикалното развивање на обејктот.

Преку различни концептуални и проектантски пристапи, студентите истражуваа можности за интегрирање на кино-сала, изложбени и едукативни простори, креативни студија и зони за средби, комуникација и размена на идеи на релативно ограничен простор. Посебно внимание беше посветено на односот меѓу архитектонското решение и неговото урбано опкружување, како и на потенцијалот на објектот да придонесе кон активирање на јавниот простор и збогатување на културниот и социјалниот живот на градот.

Презентираните студентски трудови претставуваат повеќе од одговор на конкретна проектантска задача. Тие се израз на креативното и критичкото размислување на младите архитекти, нивната способност да ги препознаат просторните и урбанистичките потенцијали на одредена локација и да предложат визии за нејзиниот иден развој.

Архитектурата не подразбира само обликување на објекти, туку и создавање простори што ги поврзуваат луѓето, ја поттикнуваат културата и му даваат нова вредност на градот. Таква можност се препознава во овие студентски визии за Струмица.

  • Педагошки тим: Проф. д-р Љупчо Јованов, доц. м-р Паолина Милушева, доц. д-р Јордан Шишовски

  • Студенти: Митровска Марта, Атанасовска Сара, Цветкова Аница, Јованова Ева, Глигоров Лука, Стојановиќ Мила, Игнов Никола, Илиевска Јована, Величковска Теона, Калкова Христина, Лелов Ристе, Георгиева Ана, Петковска Теодора, Стефаноска Михаела, Тришиќ Милица, Амети Блета, Стафаи Арта, Стоилкова Анастасија, Недевска Андреа, Османи Ерза, Оџа Самир, Димовска Миа, Атанасовска Елена, Цветкова Ребека, Стојческа Стефани, Андоновиќ Ања, Ристовски Петар, Илиевска Ева, Илиевска Стефани.

Choose your future.

View all schools